Марко Божиновски е роден на 11.09.2000 година во Скопје, син на Ристе Божиновски – Мачор и Александра Божиновска, родена Брестовац и брат на Аника Божиновска.
Марко е роден Аеродромец, навивач на МЗТ од мали нозе, навивач на Вардар со членска книшка уште пред да се роди.
Интересот на Марко за спортот започнува уште од најмала возраст – првата играчка му беше топка, а уште пред неговиот прв роденден, тој веќе редовно ги следеше натпреварите од НБА. Толку сакаше да гледа НБА натпревари, што родителите мораа да му ги снимаат на видео касети за да гледа преку ден, за да не седи буден навечер.
Иако кошарката му беше прва љубов која никогаш не престана, со текот на растењето (?) почнува да развива интерес и кон други спортови како што е фудбалот. Омилена му беше Премиер лигата, бидејќи беше „хард-кор“ фан на лондонскиот клуб Арсенал и никогаш не пропушташе можност да присуствува на некој од неговите натпревари.
Инспирацијата секогаш ја наоѓаше во спортските личности, кои несомнено имаат голем удел во неговото развивање како личност. Негови идоли во кои се пронаоѓаше беа Владе Дивац, Дејан Бодирога, Коби Брајант, Новак Ѓоковиќ, Тиери Анри и Лионел Меси. Од младите спортисти ги обожаваше Килијан Мбапе, кошаркарот Лука Дончиќ, а посебно му се восхитуваше на Маркус Рашфорд кој своето влијание го користи и надвор од терените, помагајќи им на оние кои имаат потреба од тоа. Фасциниран беше од неговата величина како играч, но пред се’ и како хуманитарец.