Реализирани предавања на тема „Спортот како алтернатива на дрогата и алкохолот“ во соработка со Град Скопје!
Пред се’, сакаме да се заблагодариме на сите учесници во организацијата, но и сите средношколци кои беа дел од овој проект!
Реализацијата на проектните активности опфатија низа предавања од 14.11.2022 до 28.11.2022. Причината поради која се одолговлечи реализацијата на проектот беа најавите за бомби во средните училишта, па затоа моравме 3 пати да ги одложиме и нашите предавања. Но, тоа не не’ демотивира предавањата успешно да ги одржиме во спортските сали на средните училишта „Јосип Броз – Тито“ и „Орце Николов“.
На предавањата беа присутни и предаваа претставници од фондацијата, професор д-р Горан Никовски и асистент од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. На учениците им беа претставени активностите на фондацијата, соработката со Град Скопје, беа прикажани податоци од СЗО, анимации и примери кои ја докажуваат важноста на спортувањето, а исто така се запознаа со начини и локации каде можат да се физички активни на територијата на Скопје. Освен тоа, беа прикажани и негативните ефекти од користењето на дрогата и алкохолот, за на крајот да заклучиме дека додека се млади, средношколците мора да одвојуваат повеќе од своето слободно време за спорт, дека користењето на алкохолот треба да го отстранат или да го сведат на минимум, а дрогата воопшто не треба ни да биде вклучена во изборот како да се пополни слободното време.
Се радуваме на ваквата соработка, особена чест ни беше да се „вратиме“ во средношколските сали и да се дружиме со учениците на овие училишта и се надеваме дека во наредниот период ќе организираме предавања кои ќе ги опфатат сите средни училишта на Град Скопје!