Ракомет

Божиновски и Милошески одлични, Бутел го декласира „македонскиот“ Металург

Ракометарите на Бутел го добија последниот дуел од првата фаза и тоа славеа во скопското дерби со Металург со 23-31 (12-17). Средбата во салата во Автокоманда во целост им припадна на избраниците на Грчевски, кои го контролираа резултатот од самиот старт, а во финишот и го декласираа ривалот. 

Овој пораз на лидерот во групата Б не значи ништо, бидејќи Металург имаше доволна бодовна залиха, но на бутелчани може да им даде стимул за плеј-офот. 

Оливер Димитриоски на домашен погон му се спротивстави на Бутел, бидејќи странците беа распуштени и добија пауза по напорниот период. Гостинот прв ја презеде резултатската предност и поведе, но металурзите се вратија. Во финишот на првиот дел бутелчани одново „запнаа“ и стигнаа до висока предност (12-17). 

На стартот од продолжението резултатот драстично порасна. Бутел играше одлично во нападот, а Металург немаше решение за расположените Милошески и Божиновски. Позитивата во еден момент достигна и двоцифрени десет разлика, за сигурна победа на Бутел во последниот дуел од регуларниот дел. 

Најефикасен играч на натпреварот беше младиот Марко Божиновски со десет погодоци, додека Христијан Милошески постигна осум. Кај Металург ниту еден играч не се истакна и головите беа добро распоредени. 

Извор: Gol.mk